АА е изненадена од одлуката на Алтернатива за влез во владата. Потпретседателот на оваа партија, Ељми Азири рече дека не разбира како може партијата на Гаши да го прекрши договорот што го имале.
„Ние сме изненадени од леснотијата како може една политичка партија која додека беше во коалиција со нас, да се откаже од потписот кој го дадоа за договор за соработка со АА до следните парламентарни избори, и многу брзо да потпишат договор за да бидат дел од владата, влада која според сите показатели е најслабата влада што ја имала Македонија“, истакна Ељми Азири.
Азири додаде дека овој договор Заев-Гаши е дискутабилен со самиот факт што Заев наскоро си заминува од премиерската позиција.
„Дискутабилен е и пристапот, дискутабилни и неубедливи се и мотивите на ова вклучување на ААА во владата уште повеќе кога имаме изјави на актуелниот преми ер Заев кој изјави дека потпишаниот договор ќе го преземе како обврска идниот премиер, значи овде се зборува за голема несериозност“, посочи Ељми Азири.
АА смета дека земјава треба што поскоро да оди на предвремени парламентарни избори а истакнуваат дека ААА веќе ги нарушила цела соработка.
„Последните постапки на Алтернатива поставија многу силни бариери меѓу нас и нив уште повеќе што тие беа со нас а избраа друга страна. Во моментов кога зборуваме тие се многу блиску до СДСМ и ДУИ“.
Азири објави дека од сега АА во Собрание ќе функционира како посебна група од коалицијата а координатор на парламентарната група ќе биде пратеничката Илире Даути.
