Алијанса за Албанците е за 8 изборни единици – Села: Oчекуваме во разговорите со ЕФ Струга да и припадне на АА

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Иако се во коалиција Европски фронт, Алијанса за Албанците на Села имаат сосема различен став од ДУИ во однос на иницијативата за една изборна единица.

Претседателот на партијата Зијадин Села останува на својот став кој го застапува од порано дека за нив единствено е прифатливо 8 изборни единици. Една изборна единица е на штета на Албанците, рече тој. 

„Ние сме против една изборна единица, сме за осум изборни единици, затоа што тоа е модел кој се истражува и би донел развој. Сме против една изборна единица поради демографските околности што ги имаме, сме против затоа што ниту еден албански политички субјект нема присуство на целата територија на Северна Македонија, и како таква, една изборна единица би била штетна и би довела само до намалување на бројот на албански пратеници. Ние сме за отворени листи. Сме за дијаспората да гласа по пошта, од својот дом, таму каде што живее, и да го испрати гласачкото ливче по пошта, овде да се преброи.“, порача Зијадин Села.

Биљал Касами од ВЛЕН пак, вели дека тие разговарале и размислуваат дали да ја поддржат идејата за една или пак за три или осум изборни единици. Тоа може да има меѓуетнички импликации бидејќи со една изборна единица ќе треба да има гаранција дека нема да дојде до изобличување на етничката реалност, рече Касами.

За претстојните локални избори Села рече дека се уште немаат разговарано со своите коалиционери од Европскиот фронт за тоа кој каде ќе има кандидат за градоначалник. Но, очекува дека Струга ќе биде на Алијанса за Албанците.

„Претпоставувам дека да. Логично, по логиката на нештата Струга останува кандидат да биде Алијанса за Албанците, инаку, која би била логиката ние да бидеме во коалиција во еден таканаречена коалиција Европски фронт“, вели Зијадин Села.

Иницијативата за една изборна единица со отворени листи и без изборен праг го понеделникот ја доставија од Либерално-демократската партија. Начелно и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ го прифаќаат предлогот, а за една изборна единица се изјаснија и од ДУИ, но со 5 посто изборен праг.