АА го прифаќа францускиот предлог, изјави лидерот на партијата, Зијадин Села по едночасовната средба со премиерот Димитар Ковачевски. Села рече дека нема сомнеж дека ставот на АА е дека единствениот пат на Македонија е ЕУ и ништо друго.
„Не се работи само за прифаќање или не само на францускиот предлог, туку е прашање на големата дилема дали Македонија ќе продолжи кон ЕУ или ќе се прекине ова патување. АА е на страната на продолжување на ова европско патување, ние сме на страната да не создаваме други алтернативи, какви и да се тие, наречени Отворен Балкан. Единствената алтернатива за Северна Македонија и регионот треба да биде Европската Унија и ништо друго“, вели Зијадин Села.
Села рече дека на средбата со премиерот Ковачевски искажал мислење дека доколку се дојде до отворањето на Уставот за воведување на Бугарите, треба да се смени делот каде албанскиот јазик е дефиниран како „20 отсто“. Села рече дека очекува македонскиот политички спектар со истиот фанатизам како што го штити македонскиот јазик, да ги разбере чувствата на Албанците во однос на албанскиот јазик.
„Дефиницијата за албански јазик е јазикот што го зборуваат над 20 отсто од населението и кој се разликува од македонскиот јазик. Оваа дефиниција, ние како Алијанса за Албанците очекуваме кога ќе се отвори Уставот, од јавните изјави на македонските политички субјекти кои се подготвени да седнат и да ја сменат оваа дефиниција, да преминеме на практична промена на оваа дефиниција“, додава Зијадин Села.
Премиерот Ковачевски по средбата не се огласи за медиумите. Од Владата испратија соопштение во кое велат дека на средбата премиерот ги пренел позициите на Владата во однос на европскиот предлог, при што ја истакнал потребата од мудри одлуки и одговорност што ја обезбедува европската иднина.
„Премиерот Ковачевски истакна дека овој конечен европски предлог овозможува безусловен старт на пристапните преговори на Република Северна Македонија со ЕУ и операционализација на одлуката на Европскиот совет од март 2020, со што преговорите со Европската Унија ќе можеме да ги започнеме веднаш по донесувањето на нашата одлука за прифаќање на предлогот“, велат од Владата.
Средбата со Села е во рамки на консултативните средби што ги одржува премиерот Ковашевски во врска со предлогот на француското претседателство за симнување на бугарското вето и почеток на преговорите со ЕУ.
