Американската рок-легенда Алис Купер вели дека и по шест децении кариера не ја изгубил љубовта кон музиката и сценскиот лик што го градел низ годините.
„За тие што не знаат, јас сум Алис Купер. Каде сте биле последните 60 години?“, се пошегува музичарот, нагласувајќи дека ужива во улогата на својот препознатлив сценски карактер.
Купер објаснува дека токму контроверзниот и театрален карактер на Алис Купер е дел од неговиот однос кон настапите. „Сакам да го играм ликот на Алис. Тој е злодеј, но злодеите се смешни“, вели тој.
И покрај долгата кариера, музичарот нагласува дека никогаш не се заситил од музиката и од песните со кои ја одбележа рок-историјата. Меѓу нив се и „School’s Out“, „I’m Eighteen“, „Hey Stoopid“ „No More Mr. Nice Guy“ и „Poison“.
Купер додава дека енергијата што ја добива од публиката и од настапите е една од причините поради кои продолжува да работи. Според него, сцената е местото каде што и по толку години сè уште се чувствува како дома. „Тоа е она за што работите“, вели рок-иконата, која и по 60 години останува активна на музичката сцена.
Купер „ги плаши“ луѓето повеќе од половина век. На прашањето што го плаши него, вели: „Можам да ја ставам главата во гилотина, да ставам боа околу вратот… Но тест на крвта? Веднаш излегувам. Немам ниту една тетоважа, затоа што јас и иглите не се согласуваме воопшто“.
