Алиу: Бизнисот има сериозен проблем со работна сила

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Претседателот на Комората на Северозападна Македонија, Нухи Алиу, предупредува дека деловната заедница се наоѓа во сериозна криза поради недостиг на работна сила, проблем кој, според него, станува сè поизразен во последните години.

„Секојдневно слушаме ставови и анализи за економијата и состојбите во земјата. Тие се комплицирани, особено поради изборите, но мора да признаеме дека последните три до четири години се соочуваме со сериозна економска криза – прво поради пандемијата со ковид, а потоа и поради војните во Украина и Газа, како и глобалните геополитички тензии“, изјави Алиу во емисијата Бизнис21 на ТВ21.

Тој додаде дека сите овие фактори имаат директно влијание врз економијата и бизнисот, кој и оваа година не е поштеден од предизвици.

„Бизнисот моментално не може да каже дека нема проблеми. Напротив, како бизнис заедница се соочуваме со сериозен недостиг на квалификувана работна сила, што е еден од најгорливите проблеми со кои се соочуваме“, нагласи Алиу.

Според него, потребно е институциите да преземат поактивна улога во креирање политики кои ќе ја задржат и мотивираат работната сила во земјата, со цел да се спречи дополнително ослабување на економијата.