Алиу-Костовски: Продолжуваме со инвестиции во здравството – распишана јавна набавка за изградба на нова поликлиника во Бутел

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Министерот за здравство, Азир Алиу, заедно со градоначалникот на општина Бутел, Дарко Костовски, денеска, на прес конференција информираа дека е распишана јавна набавка за изградба на нова поликлиника во Бутел.

-Ова е значајна инвестиција за жителите на оваа општина и на околните населени места кои првпат ќе имаат поликлиника блиску до местото на живеење. Станува збор за инвестиција во вкупна вредност над 117 милиони денари. Новиот објект ќе се  состои од приземје и кат од над илјада метри квадратни и ќе содржи ординации по општа медицина и стоматологија, детски оддел со ординација за педијатрија, превентивна здравствена заштита, специјалистичко-консултативни ординации за гинекологија, интерна медицина, невропсихијатрија, физикална медицина, рендген кабинет, аптека и биохемиска лабораторија. Продолжуваме со нашите заложби за унапредување на здравствената инфраструктура, и за поголема достапност на здравствените услуги поблиску до местото на живеење на граѓаните, истакна министерот Алиу.

Новата поликлиника ќе се гради на местото на постојната модуларна амбуланта.

– Граѓаните најмногу бараат поликлиника и Општина Бутел денеска ќе распише тендерска постапка за нејзина изградба. Од обезбедените средства, 90 отсто се од Министерството за здравство, а 10 отсто од општина Бутел. Оваа поликлиника е пример за соработка меѓу централната и локалната власт, истакна градоначалникот Костовски.