Алиу на 11. турски медицински конгрес: Дигитализацијата не е избор, тоа е вратата низ која секој здравствен систем мора да помине

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Министерот за здравство, Азир Алиу, денеска, се обрати на 11. турски медицински конгрес, кој се одржува во Анкара на покана на Министерството за здравство на Република Турција. 

Во своето обраќање истакна дека нашата земја се соочува со истите предизвици, како и другите здравствени системи, а тоа е ограничен број специјалисти во клучни области, застарена инфраструктура, дигитални системи што функционираат, но не секогаш меѓусебно поврзано, здравствен кадар под огромен товар, а пред се, граѓани кои заслужуваат побрз пристап до здравствена заштита.

–   Дигитализацијата е почетната точка на реформата. Дигитализацијата не е избор, тоа е вратата низ која секој здравствен систем мора да помине. Таа не подразбира заменување на лекарите со компјутер, туку ослободување на лекарите од задачи кои никогаш и не им припаѓале. Воедно, дигиталните алатки му овозможуваат на еден систем со ограничени ресурси да прави скокови за кои порано беа потребни децении, потенцираше министерот Алиу.

Воедно, министерот истакна дека напредните здравствени системи веќе се фокусирани на новини како што се „дигитални двојници“ кои ги симулираат исходите кај пациентите, тријажа поддржана од вештачка интелигенција која открива ризик пред да се појават симптомите, роботска хирургија на далечина и геномска медицина прилагодена на секој поединец.

 –   Овие иновации можеби сè уште не се наша реалност, но тие се сигнали каде се движи светот и показател на што мора да се подготви секоја држава. Верувам во иднина во  која здравството не е реактивно, туку предиктивно, не е бавно, туку интелигентно. Во таа насока се подготвува мојата земја. Тоа е иднината што можеме да ја изградиме заедно почнувајќи од сега, заклучи министерот Алиу.