Во Рига се одржува состанок на високо ниво на Иницијатива за мали земји на Светската здравстена организација за Европа, на кој учествува и министерот за здравство, Азир Алиу. Состанокот ќе трае два дена, и е посветен на едно од најважните прашања за здравствените системи во Европа – како малите земји, во услови на ограничени ресурси, миграција на здравствен кадар, стареење на населението и растечки потреби на пациентите, можат да создадат одржливи и иновативни решенија за здравствената работна сила.
„Малите земји не секогаш имаат најголеми ресурси, но можат да имаат најбрза адаптација, најдобра координација и најсилна политичка волја за промени. Нашата цел е да изградиме здравствен систем кој подобро го користи знаењето на здравствените работници, го намалува административниот товар и им овозможува повеќе време за пациентите“, истакна министерот Алиу во своето обраќање.
Министерот Алиу учествуваше во сесијата посветена на оптимизација на здравствената работна сила, каде ја претстави Националната стратегија за дигитално здравство 2026–2030 како еден од клучните реформски процеси во државата. Тој посочи дека дигитализацијата не е само техничка модернизација, туку начин здравствениот систем подобро да го организира патот на пациентот, да ги поврзе нивоата на здравствена заштита и да им помогне на здравствените работници да работат со помалку административни пречки и со подобар пристап до релевантни податоци.
„Дигиталното здравство за нас не е цел само по себе. Тоа е инструмент за подобра грижа. Кога податоците го следат пациентот, лекарот има поцелосна слика, пациентот добива побрза и побезбедна услуга, а системот станува поорганизиран и поодговорен“, рече Алиу.
Во овој контекст, министерот ги претстави следните чекори што ги презема Министерството за здравство: дигитализирани патеки на лекување, приоритетно упатување и тријажа, развој на мултидисциплинарни тимови што ја поврзуваат примарната, секундарната и терциерната здравствена заштита, како и пилот-проектот за теледерматологија, кој има за цел да ја доближи специјалистичката услуга до пациентите во руралните и оддалечените средини.
Тој се осврна и на новиот Закон за евиденциите во здравството, како дел од процесот за усогласување со Европскиот простор за здравствени податоци, како и на унапредувањето на националниот регистар на здравствени работници.
