Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби упати итен апел до македонските државјани кои престојуваат во Саудиска Арабија, особено во главниот град Ријад, да бидат максимално внимателни и да ги следат официјалните безбедносни препораки поради серијата ракетни напади и напади со беспилотни летала.
Од Амбасадата ги повикуваат граѓаните строго да ги почитуваат упатствата на саудиската Дирекција за цивилна заштита и Министерството за внатрешни работи.
При активирање безбедносна тревога или сирена, граѓаните треба веднаш да влезат во затворен простор и да се оддалечат од прозорците и стаклените површини. Се препорачува избегнување јавни собири, воени објекти и пограничниот појас со Јемен.
Амбасадата предупредува и дека е забрането фотографирање, снимање и споделување видеа од нападите, посочувајќи дека локалните власти можат строго да ги казнат ваквите постапки. Граѓаните се повикуваат да ги држат телефоните наполнети, а сомнителните предмети и паднатите остатоци веднаш да ги пријават преку саудиската апликација Tawakkalna.
Во однос на авиосообраќајот, од Амбасадата информираат дека и покрај обновувањето на летовите, можни се вонредни одложувања и откажувања. Затоа, патниците треба да ја контактираат својата авиокомпанија и да го проверат статусот на летот пред да тргнат кон меѓународниот аеродром „Крал Калид“ во Ријад.
За итни случаи и потреба од асистенција, македонските државјани можат да се обратат на дежурниот телефон на Амбасадата во Абу Даби: +971 56 441 7532.
Амбасадата ги повикува граѓаните да ги споделат информациите со останатите македонски државјани кои се наоѓаат во Саудиска Арабија и да постапуваат согласно официјалните безбедносни упатства.
