Амбасадорката Агелер: Уставните измени и Коридорите се клучни за иднината на земјата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Американската амбасадорка во Северна Македонија, Анџела Агелер, во интервју за ТВ21, изрази големо задоволство од напредокот на градежните работи на Коридорите 8 и 10, кои ги изведува конзорциумот „Бехтел и Енка“.

„Посебно сум задоволна од Коридорот 8, не само затоа што на него работи врвна американска компанија, туку и затоа што од гледна точка на НАТО и стратегиската сигурност, тие коридори се клучни,“ рече Агелер. Таа додаде дека коридорите не само што ја зајакнуваат безбедноста на државата, туку значително ќе ја поттикнат и трговијата.

Амбасадорката ја поздрави и соработката меѓу македонскиот и бугарскиот министер за транспорт, оценувајќи го договорот како „исклучително важен“ и честитајќи им за храброста во постигнувањето на заедничкиот интерес.

„Едвај чекам да завршат патиштата и тунелите, за да ги пробам лично,“ со насмевка додаде таа.

Агелер нагласи дека и Коридорот 10 има стратешко значење за економијата и безбедноста на земјата.

Во интервјуто, амбасадорката зборуваше и за основите на партнерството меѓу САД и Северна Македонија, истакнувајќи дека односите не се базираат само на геополитички интереси, туку на длабоки вредносни принципи. Првата и најважна заедничка вредност е вербата во демократијата, а втората е економскиот развој, кој носи сигурност и за македонските граѓани, но и за американските партнери.

„Силна економија во Северна Македонија значи сигурност и за САД,“ истакна Агелер, додавајќи дека безбедносното партнерство е третиот столб на заедничките интереси. Таа посочи дека членството во НАТО е „огромно достигнување“ и дека земјата е важен сојузник во јакнењето на трансатлантските и европските односи.

Амбасадорката зборуваше и за состојбата во судството, наведувајќи дека политичкото влијание е присутно, но дека е оптимист дека ќе дојдат луѓе со добра волја кои нема да потпаднат под притисок. Таа посочи дека САД инвестирале „половина милијарда евра“ во судството, но дека резултатите не се на очекуваното ниво.

„Сакам луѓето во државата да си ја работат својата работа. Секој својата. Дали се работи за полицијата, за финансиската полиција или за судството, треба да постои систем кој ќе овозможи институциите да функционираат,“ рече Агелер.

Во однос на патот на земјата кон Европската унија, амбасадорката изрази уверување дека работата на уставните измени се одвива активно и дека се водат разговори кои го поплочуваат патот за почеток на процесот.

„Сто проценти сум сигурна дека се работи на уставните измени. Ме охрабрува тоа што гледам дека активно разговараат за отпочнување на процесот. За членство во ЕУ, мора да се испочитуваат процесите,“ изјави Агелер.

Амбасадорката заклучи дека целта на САД е Северна Македонија да биде „побезбедна, посилна и посигурна држава со стабилна демократија“, истовремено охрабрувајќи ги институциите да бидат двигател на реформите, наместо политичките препукувања.