Амбасадорот на ЕУ Дејвид Гир на вински туризам во Кавадарци

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Денска во Кавадарци беше промовирана најновата инвестиција во развојот на алтернативниот туризам на уникатни вински микро-локации во тиквешкиот регион.

По тој повод, присутни беа амбасадорот на ЕУ, Дејвид Гир како и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

Инвестицијата ја реализира компанијата „Тиквеш вински туризам“, во соработка со „Домен Лепово“ и „Барово”.

Потпроект е со вкупна вредност од 315 илјади евра, а дел од средствата се обезбедени преку Проектот за локална и регионална конкурентност на Владата и ЕУ, што се администрира преку Светска банка. 

Битиќи истакна дека потпроектот „Развојот на ено-гастрономскиот туризам во Тиквешкиот регион“ на Тиквеш вински туризам е еден од вкупно 58 потпроекти, кои во изминатите четири години се реализираат со поддршка од ЕУ и со средства од Владата.

„Овие проекти имаат за цел да ги откријат убавините на нашата земја, кои ги има многу“, порача Фатмир Битиќи.

Тој додава дека економскиот развој кон кој се стремат започнува на локално ниво.

„Затоа Владата секогаш ќе биде поддржувач на вакви иницијативи, кои овозможуваат искористување на огромниот потенцијал што го има нашата земја за создавање конкурентни производи и услуги, привлекување на што поголем број туристи и промовирање на земјата како атрактивна туристичка дестинација“, рече Битиќи, и нагласи дека земјава има што да понуди кога станува збор за туризмот.

„Од 58 потпроекти, 19 се реализираат од општините, 19 од микро, мали или средни претпријатија и 20 од здруженија и непрофитни организации, туристички организации, образовни институции или центри за обука. Со потпроектите на Проектот за локална и регионална конкурентност, е опфатена речиси цела земја. Ова е еден од најзначајните проекти, со кој се овозможени сериозни средства, со вкупна вредност од 18 милиони евра, од кои три милиони евра се од буџетот на Владата и 15 милиони евра од Европската Унија, за што упатувам искрена благодарност до делегацијата и граѓаните на земјите членки“, рече Битиќи

Евроамбасадорот Дејвид Гир посочи дека проектот им помага на винариите да го совладаат производството на квалитетни продукти и да му помогнат на регионот да развие одржлив туризам што ќе  ја сочува животната средина.

„Со виното кое се произведува во овој регион, со пејзажите, историските локации и со традицијата се чини дека Тиквешкиот регион ги исполнува сите услови за совршена туристичка дестинација. Потребна е само уште една дополнителна експертиза и малку помош околу подготовката на стратегија, а токму тоа е она што овој проект се обидува да го обезбеди“, рече Гир.

Нагласи дека очекува по скорешното спласнување на пандемијата да се вратат туристите во земјава и додаде дека токму проектот се обидува да стимулира одржлив економски развој со спречување на прекумерна експлоатација, како и употреба на природните ресурси и да создаде нови работни места за младите.

Преку Програмата за локална и регионална конкурентност ЕУ обезбедува 18 милиони евра за педесетина проекти во секторот на туризмот ширум Република Северна Македонија, но за да има успех мора да има разновидност на услуги што подразбира ефикасна соработка меѓу сите чинители во општеството кои се вклучени во промоција на некој регион како туристичка дестинација, порача Гир и додаде дека го охрабрува денешната соработка помеѓу централните власти и општините заедно со туристичките оператори, сопствениците на локалните хотели и производителите на вино.

Директорката на Проектот за локална и регионална конкурентност Антонија Шишек потенцира дека креативните идеи на корисниците на  нивните грантови успеале да ги преточат во успешни проекти кои придонесуваат кон подобрување на постојната инфраструктура и развој на нови производи преку создавање на нови сместувачки капацитети, содржини и активности за различни типови на туристи.

„Ова е еден вид на визионерски проект кој вклучува многу дигитални и нови иновативни елементи. Тиквеш вински туризам  преку нашиот проект во моментов нудат сместување во автентични, алтернативни поизолирани сместувачки капацитети во комбинација со добра храна и вино и поврзување со некакви спортски активности. Со тоа во голема мерка придонесуваат за локалниот и економскиот развој на Тиквешкиот регион и промовирање на Тиквеш како туристичка дестинација не само во земјава, туку и пошироко во регионот“, рече Шишек.

Проект менаџерот Тихомир Костадинов, рече дека проектот „Развој на ено-гастрономски туризам во Тиквешкиот регион“ го реализира Тиквеш вински туризам во соработка со Домејн Лепово и Барово ДООЕЛ.

„Реализацијата опфаќа три компоненти од кои првата е реконструкција и унапредување на сместувачките капацитети во Лепово, втората е адаптација  и монтажа на вински буриња како дополнителен капацитет во Барово и тетата – изградба на мултифункционален вински бутик во Кавадарци. Целта е да создаде иновативни содржини за развој на винскиот туризам и збогатување на понудата преку дополнителни содржини како што се велосипедските патеки низ лозовите насади, рече Костадинов и додаде дека во реализацијата на проектот учествуваа локални невладини организации, бизниси и занаетчии кои помогнаа во реализацијата на велосипедските тури и изработката на сувенири.