Американскиот Стејт департмент охрабрува за дијалог – Османи: Реалниот рок за уставните измени – до крајот на мандатот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Американскиот стејт департмент ги охрабрува владите на Северна Македонија и Бугарија да продолжат со нивниот билатерален дијалог за решавање на разликите со цел нашата земја да нема застој во патот на европските интеграции.

„Соединетите Држави силно ја поддржуваат целосната интеграција на Северна Македонија во Европската Унија. ЕУ што го вклучува целиот Западен Балкан, вклучително и Северна Македонија, ќе биде посилна и попросперитетна. Ги охрабруваме владите на Северна Македонија и Бугарија да продолжат со нивниот билатерален дијалог за решавање на разликите, исполнување на претходните договори и поддршка на брзиот пристап на Северна Македонија“, се вели во изјавата од Стејт департментот.

Од друга страна, Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на интервју за Сител, изјави дека реалниот конечен рок за уставните измени е до крајот на мандатот на овој парламентарен состав.

Но, десет дена пред одржувањето на пленарната седница за уставните измени, власта и опозицијата се уште имаат тотално спротивни ставови. Од ВМРО-ДПМНЕ сакаат гаранција дека преговарачката рамка нема да се претвори во друга цел преку доставување на нови барања.

За изјавите на Османи, реакција имаше и од пратеникот и претседател на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов. Тој вели дека Владата ги изманипулирала сите, вклучително и САД, велејќи дека рокот за уставни измени е во ноември.