Дигитализацијата може значително да ја подобри ефикасноста на институциите, да ја зголеми транспарентноста и да го намали просторот за корупција, но сама по себе не е решение за високата корупција. Ова го истакна министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, на средба со компаниите членки на Стопанската комора, каде што ги претстави достапните дигитални услуги и можностите за бизнис-секторот.
Според Андоновски, автоматизацијата на административните постапки и намалувањето на директниот контакт меѓу граѓаните и службениците можат да придонесат за спречување на ситната корупција. Како примери ги посочи издавањето лични документи и изводи, постапките за државјанство и запишувањето деца во градинките.
Министерот нагласи дека државата мора да инвестира во заедничка национална дигитална инфраструктура, наместо секоја институција одделно да развива и одржува сопствени дата-центри. Таквиот пристап, според него, би ги намалил трошоците и би овозможил поефикасно користење на технолошките ресурси.
Посебен акцент стави на развојот на суверена вештачка интелигенција, предупредувајќи дека Македонија не смее долгорочно да зависи исклучиво од глобалните технолошки компании.
Како пример го спомена и ChatGPT, посочувајќи дека постојните алатки не секогаш ги препознаваат специфичностите на македонскиот јазик и не нудат секогаш најсоодветни преводи и решенија.
– На краток рок можеме да користиме постојни модели и услуги, но на долг рок мораме да работиме на развој и обука на модели базирани на македонскиот јазик, со инфраструктура и пресметувачки ресурси што ќе бидат достапни во нашата земја – истакна Андоновски.
Тој предупреди дека пристапот до современите технологии во иднина може да стане поскап или ограничен, поради што државата треба навреме да создава сопствени капацитети.
Според министерот, инвестициите во национална дигитална инфраструктура и домашни модели на вештачка интелигенција се неопходни за долгорочна технолошка независност, поквалитетни јавни услуги и подобра поддршка за македонските компании и граѓаните.
