Андоновски: Има петнаесет кривични пријави поднесени од Министерството за дигитална трансформација

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, во гостување во емисијата Клик Плус на ТВ21 истакна дека Министерството активно работи на откривање и процесуирање злоупотреби, поднесувајќи вкупно петнаесет кривични пријави.

„Во Министерството имав случаи на злоупотреби од претходни раководства, и сметав дека е потребно да повикаме на одговорност. Пет од тие пријави веќе се во судска постапка, што значи дека Обвинителството ги процесираше со вештачења, анализи и документи. Дел се уште чекаат да започне постапката“, рече Андоновски.

Министерот додаде дека методологијата на работа е систематска и без политички притисоци.

„Не снимавме апсења, не правиме притисок врз соработници на Венко Филипче. Секој предмет се обработува со издржани аргументи и факти и завршува со судски одлуки. Фали динамика кај судството и Обвинителството, но борбата против корупција започнува од сопствениот двор“, нагласи Андоновски.

Тој исто така појасни дека паузите во ИПАРД фондовите се резултат на внимателна анализа на Министерството за финансии и Владата за евентуални злоупотреби, а не блокади, со цел процесот да продолжи со сигурност и транспарентност.