Андоновски: Македонија е технички подготвена за ЕУ, но политичките прашања го одложуваат почетокот на преговорите

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, во гостување во емисијата Клик Плус на ТВ21 истакна дека Македонија е добро подготвена за членство во Европската Унија, но отсуството на политички договори го одложува реалното отпочнување на преговорите.

„Определени поглавја во извештајот на ЕУ покажуваат дека земјата има постигнат добар напредок и дека е на ниво на подготовка според критериумите на Унијата. Сепак, едно крупно прашање останува незатворено веќе дваесет и пет години – вистинското отворање на преговорите за членство“, рече Андоновски.

Тој додаде дека во анализата на извештајот се забележува дека некои реформи биле оценети пониско отколку што заслужуваат, најверојатно поради политички причини.

„Европската Унија ги нотирала успесите на владата и институциите, но политичкиот наратив влијае на конечната оценка. Од нас се очекува безусловно прифаќање на дел од барањата поврзани со бугарската позиција во преамбулата на Уставот, што би овозможило отворање на преговорите. Дотогаш, преговорите не се отпочнати“, нагласи министерот.

Според него, без решавање на овие политички прашања, техничките достигнувања и реформите на земјата не можат да доведат до реално отпочнување на процесот за членство во Европската Унија.