Андоновски најави Владин центар за сајбер инциденти за зајакнување на националната безбедност

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, во гостување во емисијата Клик Плус на ТВ21 најави отворање на Владин центар за одговор на сајбер инциденти, како дел од зајакнувањето на националната сајбер безбедност.

„Целта на овој Центар е да врши мониторинг на сајбер сообраќајот во владините институции, да открива и да алармира за проблемите навремено, за да можат да се надминат. Ова е вистинска имплементација на националната стратегија и законот за сајбер безбедност, и ќе биде модерен центар со опрема и обучени кадри кои ќе вршат тестирања и ќе знаат што се случува во сајбер просторот“, рече Андоновски.

Тој појасни дека Центарот ќе ја зајакне довербата во институциите и ќе овозможи проактивно управување со сајбер инцидентите, наместо секоја институција да реагира самостојно.

„Очекуваме поголем развој во оваа насока во 2026-2027 година, со инфраструктурна изградба на владина оптичка мрежа и изградба на примарен дата центар за складирање на серверите и опремата на едно место“, додаде министерот.