Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, во гостување во емисијата Клик Плус на ТВ21, зборуваше за претстојниот Централен комитет на ВМРО-ДПМНЕ и четиригодишниот Конгрес на партијата закажан за 6 декември.
Андоновски истакна дека очекува конгресот да биде сплотувачки и обединувачки, со цел реформа на партијата која ќе ја подготви за завршување на актуелниот мандат, но и за наредниот четиригодишен период. Тој посочи дека на претходниот конгрес бил дел од авторите на партиската доктрина, а сега се очекува да се постават темели за наредните четири до осум години, како во кадровски, така и во програмски и проектен аспект.
„Очекувам убедлива поддршка за премиерот и претседателот на партијата, кој покажа како партија со три приоритети во 2017 година – враќање на комуникацијата со граѓаните, со Европската Унија и меѓународните партнери и освежување на кадровскиот потенцијал – постигна многу повеќе од тоа за осум години. Сигурен сум дека претседателот ќе води кон нови успеси и во наредните години“, нагласи Андоновски.
