Андоновски: Проектот е-бебе ќе започне следната година и ќе ја олесни комуникацијата меѓу граѓаните и институциите

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, во гостување на емисијата Клик Плус на ТВ21 најави дека државата ќе ја забрза дигитализацијата на уверенијата кои се издаваат од судот, како што се уверенијата за неосудуваност, кривичната и деловната способност.

„Судот веќе дигитализира три вида уверенија, кои сега се достапни на порталот и можат да се добијат за две-три минути. Проблемот е што некои институции сè уште бараат хартиени верзии, па институциите каде што аплицирате треба да го признаат дигиталниот документ,“ истакна Андоновски.

Тој додаде дека најголемиот дел од институциите, како факултетите и Агенцијата за вработување, веќе ги признаваат дигиталните документи, но може да се појават случаи каде што тоа не се случува. Министерството ќе преземе мерки да го надмине овој проблем и да обезбеди дека дигиталните уверенија ќе бидат прифатени без пречки.

„Целта е да стигнеме до фаза каде што граѓаните нема да мора лично да ги издаваат овие документи, туку институцијата сама ќе ги прибавува од државните регистри. Проектот, кој го нарековме Е-Бебе, ќе започне следната година и ќе ја олесни комуникацијата меѓу граѓаните и институциите,“ изјави Андоновски.

Оваа иницијатива е дел од пошироката стратегија на Министерството за дигитална трансформација за олеснување на пристапот до јавните услуги и приближување на дигитализацијата до секој граѓанин.