Андоновски: ВМРО-ДПМНЕ мора да се обновува за да ја задржи власта

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, во гостување во емисијата Клик Плус на ТВ21 истакна дека по добиената апсолутна власт од ВМРО-ДПМНЕ, растат и обврските на партијата.

„Сега одговорноста е само на ВМРО-ДПМНЕ. Граѓаните за поплаки имаат само едно име и презиме“, нагласи Андоновски, додавајќи дека ова бара дополнителна реформа и осовременување на партијата.

Тој посочи дека партиите кои сакаат да ја задржат власта мораат постојано да се обновуваат, како кадровски, така и програмски.

„Не може да останете исти засекогаш. Затоа е добар овој Конгрес за да ги исцрта параметрите за следниот мандат и за следните осум години во кои ВМРО-ДПМНЕ ќе функционира и сум сигурен ќе ја води државата“, додаде министерот.

Андоновски истакна дека Конгресот, закажан на почетокот на декември, ќе донесе свежина, енергија и нови идеи кои ќе ја зацврстат партијата и нејзината способност да одговори на потребите на граѓаните.