Состојбата но и справувањето со пожарите и оваа година станува се пожешка тема за тоа како земјава да се бори со огнената стихија. Првиот човек на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов најавуваше дека ќе се формира интервентна единица. Сепак деновиве наместо специјални доби армиски возила кои се пренаменети, а воедно наместо професионалци беше распишан оглас за доброволци. Ангелов во интервју за Радио Слободна Европа вели дека се работи за поранешни воени возила кои се пренаменети, но како што истакнува се исклучително силни.
-Овие возила драстично ја зголемија нашата моќ за борба против пожарите и ние тоа го покажавме. Во еден ден да се изгаснат повеќе од 63 пожари не е ниту лесно ниту едноставно. Нашата намера е од овие 400 луѓе најпрво да поминат соодветна обука, неколкудневна за запознавање и теоретска и практична. Потоа оние од нив кои што ќе бидат одбрани, бидејќи не сите ќе ги ангажираме за гасење на пожари, дел од нив ќе работат на превенција на заштита од пожари, може некаде ќе чистат трева можеби некаде ќе собираат гранки, изјави Стојанче Ангелов, директор на ДЗС.
Пожарите и годинава се предмет на меѓупартиски обвинувања. Од ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека приведените лица кои подметнувале пожар се поврзани со опозицијата, а дека СДСМ ги користи пожарите за добивање политички поени.
-Веднаш по избивањето на пожарите се вклучи СДС и до нив блиски чинители со соопштенија и коментари. Тргна ли опозицијата во организирана акција за искористување на пожарите во политички наратив? Единствено нешто што очигледно ја осуети ваквата злонамерна политика на опозицијата беше брзата реакција на институциите, изјави Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ.
Од СДСМ велат дека секогаш кога се бара одговорност за лошо менаџирање и кога Владата е неспособна да се справи со пожарите ВМРО-ДПМНЕ вината ја префрлаат кон СДСМ, па дури и дека тие ги подметнувале.
-Ова е толку голем апсурд и ако одиме по таа логика најзафатени општини се токму општините каде што градоначалници се од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија. Па дали би требало ние да одиме по таа логика и да кажеме дека таму се подметнати пожарите од блиски на ВМРО-ДПМНЕ. Апсурд кој што не се памети. Со ова ВМРО-ДПМНЕ не се свесни со оваа логика и со ова што го тврдат дека покажаа двојна неспособност, изјави Богданка Кузеска, портпарол на СДСМ.
Од СДСМ повторно ја повикаа власта да ги прифатат двата амандмани за ребалансот на Буџетот од кои едниот е за подобрување на системот за справување со пожарите.
