Ангелов: Имаме премногу пожари, нашите сили се преморени

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Повеќе од 20 пожари на отворен простор се регистрирани денеска низ земјава, а поголем дел од нив сè уште се активни. Поради големиот број огнени жаришта, силите ангажирани во гаснењето се под сериозен притисок, информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.

Еден од пожарите на кој во моментов се посветува најголемо внимание е оној кај Грачани, кој од косовска премина на македонска територија. Огнот е запрен во близина на селото Никиштане, кое засега е обезбедено.

Според Ангелов, пожарната линија сега се движи кон магистралниот пат, односно кон реката Лепенец и во правец на косовската граница. Поголемиот дел од огнената линија е на косовска страна, а дел и на македонска територија.

Доколку дува северозападен ветер, чадот од пожарот повторно може да стигне до Скопје. Сепак, состојбата денес е значително подобра во споредба со претходните два дена. На пожарот интервенирале „ер трактори“ и полициски хеликоптер, а Ангелов очекува до вечер пожарот да биде ставен под целосна контрола.

Дополнителен проблем претставува пожарот кај Рамно на Скопска Црна Гора. Ангелов вели дека огнот таму повеќепати бил повторно активиран и изрази уверување дека станува збор за намерно подметнат пожар. Во неговото гаснење се ангажирани скопските пожарникари и екипи на „Национални шуми“.

Активен е и пожарот во близина на Октиси и Подгорци во Струшко, кој навлегол во мешовита шума со борова вегетација. Поради густата шума и тешко пристапниот терен, гаснењето е отежнато, иако е воспоставена почетна контрола.

Во Струга продолжува интервенцијата и на пожарот во атарот на Селци и Локов. Екипа на ДЗС со доброволни пожарникари од Битола работела во текот на целата ноќ и утрото, при што пожарот е речиси целосно ставен под контрола. Останал уште еден помал крак, каде има голема количина суви лисја, гранки и друга лесно запалива материја.

Пожар има и кај Ногаевци во близина на Градско, каде огнот навлегол во борова шума. Во неговото гаснење се вклучени велешките пожарникари и тимовите на ДЗС.

Веќе втор ден активен е и пожарот кај Белица во Македонски Брод, каде гори ниска вегетација, трева, грмушки и трње, а на одредени места огнот навлегува и во шума.

Нови жаришта се регистрирани и кај Тајмиште и Добреноец во Кичевско, додека пожар има и на штипската депонија. Според Ангелов, во земјава се регистрирани и други запалени депонии.

Директорот на ДЗС предупреди дека големиот број пожари сериозно ги исцрпува екипите кои секојдневно се на терен.

„Преморени сме, но сите даваат сè од себе“ е пораката на Ангелов, кој повторно апелираше до граѓаните да бидат крајно внимателни и да го пријават секое сомнително однесување.

Тој посочи дека постојат индикации дека дел од активните пожари се намерно предизвикани. Како еден од можните мотиви го наведе и прикривањето на други кривични дела, меѓу кои и бесправното сечење и крадење дрва.