Лидерот на Левица, Димитар Апасиев, вечерва на прес-конференција изјави дека неговата партија станува новиот лидер на опозицијата во Македонија, нагласувајќи го континуираниот раст на поддршката од граѓаните во последните изборни циклуси.
„Од 8 кандидати за градоначалници во 2021 година, сега имаме 20. Од 38 советнички листи – 53, во вкупно 80 општини. Од 50.000 гласови пораснавме на над 75.000. Од 48 советници, сега имаме над 70 советници. Тоа покажува стабилен раст и јасен сигнал дека Левица е сериозен политички фактор“, изјави Апасиев.
Кандидатот за градоначалник на Град Скопје од Левица, Амар Мециновиќ, исто така се обрати пред јавноста, нагласувајќи дека Скопје покажало храброст и подготвеност за промена.
„Левица испиша историја – првпат во независна Македонија, кандидат за градоначалник на главниот град кој не е поддржан ниту од ВМРО-ДПМНЕ ниту од СДСМ успеа да влезе во втор круг. Тоа е доказ дека постои надеж и дека граѓаните веруваат во нова визија за Скопје“, порача Мециновиќ.
Тој додаде дека во вториот круг граѓаните ќе избираат меѓу „две јасно различни визии – едната застарена и обременета со криминал, а другата – нивната, составена од љубов, чесност и верба во сопствениот град“.