Апелациониот суд ја потврди казната затвор од две години за Пајазити кој ја прегази Теодора Ристовска на пешачки премин во Тетово

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Гостиварскиот Апелационен суд ја потврди пресудата на Основниот суд во Тетово за двегодишна казна затвор на Менсур Пајазити од Мала Речица, за прегазувањето на 22-годишната Теодора Ристовска на пешачки премин во Тетово, која набрзо по несреќата почина.

Семејството на Теодора по одлуката испрати соопштение во кое наведоа дека се згрозени од, како што ја нарекоа, „срамната одлука на Апелационион суд“.

„Оваа пресуда е срам за правдата. Животот на Теодора згасна, а казната изгледа како подбив. Наместо вистинска правда, добивме минимизирање на трагедијата што нè скрши. Ние не бараме привилегии. Бараме човечност и фер однос – она што му припаѓа на секој граѓанин. Кога казната е непропорционална со загубата, виновен станува не само сторителот туку и самиот систем. Го гледаме осудениот како слободно се движи, дури повторно седнува зад воланот, без видливо чувство на вина. За нас, тоа е брутална навреда за сеќавањето на Теодора и за секој што знае што значи да изгубиш дете, сестра или најблиска личност“, се вели меѓу другото во соопштението на родителите на Теодора Ристовска, пренесува „СДК.МК“.

Пајазити во август 2022 година, возејќи со брзината поголема од дозволената, не почитувал предност на минување на пешачки премин, и ја прегази Ристовска, која им подлегна на повредите.

На првото судење во ноември 2023, по признавањето вина, Пајазити беше осуден на три години и шест месеци затвор. По жалбата, Апелациониот суд ја намали казната на две години затвор, па Врховниот суд ги укина двете пресуди и на Основниот и на Апелациониот суд и предметот го врати на повторно судење, на кое судијата Елведин Ферати повторно му изрече казна од две години затвор.