Апелациски суд ја запре изградбата на салата од 400 милиони долари во Белата куќа, Трамп најави жалба до Врховниот суд

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Федерален апелациски суд во САД донесе одлука привремено да ја запре изградбата на новата свечена сала вредна 400 милиони долари на местото на урнатото Источно крило на Белата куќа, нанесувајќи сериозен правен удар на администрацијата на претседателот Доналд Трамп.

Во одлуката, донесена со мнозинство од двајца судии наспроти еден, судот оцени дека американскиот претседател не може суштински да го менува изгледот на Белата куќа без претходно одобрение од Конгресот.

„Секој претседател е привремен станар, а не сопственик на Белата куќа“, се наведува во образложението на судот.

Со пресудата е потврдена претходната забрана издејствувана од Националниот фонд за зачувување на историското наследство, кој ја тужеше администрацијата откако беше урнато Источното крило и започна изградбата на објектот без согласност од Конгресот.

Судот нагласи дека не одлучува дали салата треба да биде изградена, туку дека за таква одлука е надлежен Конгресот. Во исто време, пресудата е ставена во мирување 14 дена за да ѝ се овозможи на администрацијата да поднесе жалба до Врховниот суд.

Трамп ја осуди одлуката, нарекувајќи ја политички мотивирана и „ужасна“. Тој повторно тврдеше дека објектот е неопходен од безбедносни причини и дека ќе содржи засолништа од бомби, медицински капацитети и системи за заштита од беспилотни летала и ракети.

Од Националниот фонд за зачувување на историското наследство ја поздравија пресудата, оценувајќи дека таа претставува победа за заштитата на историското наследство и за правото на јавноста да учествува во одлуките што се однесуваат на Белата куќа.

Проектот за изградба на новата свечена сала е еден од најамбициозните градежни потфати на администрацијата на Трамп во Вашингтон и, според Белата куќа, е наменет за организирање големи државни церемонии и за подобрување на безбедноста на претседателската резиденција.