Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ се скараа – градоначалничката упадна на прес-конференција на Перински

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Се скараа градоначалничката на Скопје Данела Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ и тоа на неполна година откако опозициската партија застана зад нејзината кандидатура на локалните избори. Арсовска деновиве ги разреши од функција директорот на Водовод Златко Перински и секретарот на Град Скопје Ѓоко Велковски луѓе блиски до ВМРО-ДПМНЕ, поради, како што наведе, самоволие и несоодветно постапување во постапката за милионски тендер. Неофицијално Арсовска се налутила поради местење на тендер за пречистителна станица. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски потврдува дека со Арсовска ја прекинале соработката.

„Имате моменти кога ќе видите дека очекувањата не се такви какви што вие сте имале очекуваа и од едната и од другата страна и тогаш едноставно патиштата може во животот да ви се разотидат на различни страни. И Ѓоко Велковски доскорешниот секретар кој што денеска ја напушти таа позиција поради причини кои што ги објасни и Златко Перински имаат моја апсолутна недвосмислена поддршка. Што се однесува за набавката ќе ве потсетам дека таа набавка е од 2019 година кога градоначалник во градот Скопје бил некој друг, не бил актуелниот градоначалник, ќе ве потсетам дека тој проект е финансиран од Светска банка“, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

За ова прес конференција одржа и сега разрешениот директор на Водовод Перински, на која дојде и градоначалничка Арсовска, која го праша во кое својство држи прес конференција. Перински ги отфрла обвинувањата за местење тендери. Објасни дека кон крајот на јули од градот Скопје му било побарано да се смени Комисијата која ја прави евалуацијата за избор на изведувач на пречистителната станица, како и членови на Комисиите за супервизија и за жалби.  Ова било одбиено од Европската инвестициона банка како кредитор на проектот.

„По обраќањето до Европската инвестициона банка добив мислење од нивна страна дека не е добро во оваа фаза, бидејќи евалуацијата е во тек да се менуваат членови на Комисијата затоа што тоа ќе значи првично одлагање на проектот што е многу симптоматично затоа што државата плаќа за неефектуирање на кредитите 0,5 посто пенали. Да не си играме со вакви паушални обвинувања затоа што сето ова може да го загрози проектот за кој што државата има добиено грант од 72 милиони евра“, изјави Ѓоко Перински, екс директор на ЈП „Водовод“.

На прес конференцијата на Перински упадна градоначалничката Арсовска која рече дека добила информации дека првиот човек на Водовод го местел тендерот.

„Со самото тоа што она кое што градот го побарал од аспект на тоа да обезбеди потранспарентна постапка не било спроведено односно било избегнувано да се спроведе, нашите сомнежи навистина се сериозни дека се обидувало да се влијае на самата постапка. Она што е важно за нас е дека во Македонија важат законите на Република Македонија, а не европските закони. Да има директиви, има договори кои што доследно се почитуваат, се знае доколку се прекрши таков еден договор што следи меѓутоа тука ние имаме македонска легислатива“, истакна градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска.

Покрај Перински, разрешен е и секретарот на Град Скопје Ѓоко Велковски, кој пак, тврди дека самиот си поднел оставка поради, како што наведе, слабиот потенција и несоработката со градоначалничката Арсовска.