Арсовски: Мицкоски во континуитет се фаќа со теми кои се на умирање

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Аналитичарот Петар Арсовски во дебатниот магазин „Click Plus“ на ТВ21 истакна дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во континуитет се фаќал за теми кои биле на умирање.

„Мицкоски во континуитет се фаќа со теми кои се на умирање, односно кои немаат потенцијал да го вратат во политичкиот живот на вистинскиот начин. Јас мислам дека причините се неколку и не мислам дека тоа е само одредување на политички простор. Мицкоски има проблем што во моментот неговата партија претендира да држи гласачи од многу широк дијапазон на гласачки тела од крајните десни со позиција „Солун е наш, за Атина ќе преговараме“ до централно дејствие „Ние сме за ЕУ и НАТО, но на еден десничарски, демократски и поефикасен начин“. Мицкоски ќе мора да избере во наредниот период кој од тие гласачки тела ќе ги држи. Тој очигледно избрал да ги држи тврдото партиско- национално јадро, а да не се проширува до гласачите кои се поблиску до центар“ посочи Арсовски.

Арсовски вели дека ова може да звучи како разумна стратегија за него бидејќи тоа се гласачи кои се релативно сигурни.

„Вториот проблем кој го има Мицкоски е тоа што ако не им набие сериозна туража на партијата, односно ако не ги активира во сериозна национална, политичка хистерија, тие ако не се бават со националните теми – ќе се бават со него. И тој мора да ја држи партијата во висока позиција на готовност, затоа што така на најдобар начин ја избегнува дискусијата за водството на партијата“, истакна Арсовски.

Тој смета дека токму ова се причините за најавените протести и блокади низ државата.