Авион на „Croatia Airlines“ во Сплит излета од пистата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во Зрачната лука во Сплит денеска се случи инцидент при полетување на авион на „Croatia Airlines“, кој заврши надвор од пистата на тревна површина. Авионот требало да сообраќа на линијата Сплит–Франкфурт, но полетувањето било прекинато по излетување од патеката.

Од „Croatia Airlines“ соопштија дека станува збор за авион Airbus A220-300, регистарска ознака 9A-CAN, на лет OU412. Во леталото имало 130 патници и пет членови на екипажот – двајца пилоти и три членови на кабинскиот персонал. Сите патници и членови на екипажот се добро и никој не е повреден.

„Според првите информации, екипажот постапил согласно пропишаните безбедносни процедури и го запрел авионот. Патниците го напуштија леталото и се наоѓаат во терминалната зграда на Зрачната лука Сплит, каде им се обезбедува поддршка за продолжување на патувањето“, соопштија од компанијата, додавајќи дека се во постојана координација со аеродромските и надлежните служби.

Од Зрачната лука Сплит информираат дека инцидентот се случил околу 13:30 часот, кога авионот при забрзување од засега непознати причини скршнал од пистата и делумно завршил на тревната површина. Притоа дошло до оштетувања поради судир со вертикални ознаки и рабни светла покрај пистата.

Во авионот, според новите информации, имало 132 патници и пет членови на екипажот. Сите веднаш по настанот биле безбедно евакуирани, а техничките служби работат на отстранување на леталото од пистата.

Од аеродромот посочуваат дека се во контакт со надлежните служби и агенциите за истрага на авионски несреќи, а јавноста ќе биде навремено информирана за понатамошниот тек на истрагата.

Поради инцидентот, дел од летовите од Зрачната лука Сплит се одложени, а на системите за следење на летови е забележана привремена обустава на сообраќајот.