Откажа со работа 25 годишниот радар кој е основен радар за контрола на македонското небо.
„Се работи на отстранување на дефектот на еден од радарите на Меѓународниот аеродром Скопје и во моментов тоа нема никакво безбедносно влијание врз одвивањето на авио – сообраќајот“, велат од М-НАВ.
Стапено е директно во контакт со производителот и дозволен е онлајн пристап до уредот за да се направи дијагностика од производителот и да дадат предлози и поддршка за решавање на проблемот.
На скопскиот аеродром има два радара, едниот врз Контролната кула, другиот во нејзина непосредна близина, во функција бил само вториот, кој сега се расипа.
„Ваквите технички кварови од електронска природа се нормални појави во авијација и кога се случуваат има предвидено соодветни безбедносни процедури во работата со цел да се продолжи со давање на услуги кон авио-компаниите во такви околности. М-НАВ ги применува токму тие процедури и во моментов НЕМА НИКАКВО БЕЗБЕДНОСНО ВЛИЈАНИЕ врз одвивањето на воздушниот сообраќај на Скопскиот аеродром“, вели Владимир Ристески.
Единствена промена е регулацијата на бројот на авиони кои можат да се опслужат на 1 час.
„Бидејќи нема прецизно покривање, авиони мора да се одржуваат на поголемо растојание едни од други, што може да предизвикува доцнења и ограничувања на капацитетот за прифаќање летови“.
До санирање на дефектот се користат радарите на Бугарија и Грција кои го покриваат и нашето небо.
Контролорите на летање летово се заканија со штрајк ако не се инсталира нова опрема, предупредувајќи дека не само стариот радар, туку и софтверот и останатата опрема ќе почнат да откажуваат.
Пред шест години исто така откажа радарот на Бањски рид и тогаш контролорите на лет останале без слика.