Поради намалена видливост предизвикана од магла, во периодот од 20:00 часот синоќа (21 декември) до 12:00 часот напладне денеска (22 декември 2025 година), забележани се одредени нарушувања во авиосообраќајот на Меѓународниот Аеродром Скопје, информира ТАВ Македонија.
Во наведениот период откажани се три лета во пристигнување од Белград и Истанбул, вклучително и летот од Истанбул – Сабиха Гокчен, кој е презакажан за 23 декември 2025 година. Еден лет во пристигнување од Франкфурт-Хан бил пренасочен кон друг аеродром.
Откажани се и пет лета во заминување кон Цирих, Белград, Атина и Истанбул, како и летот кон Истанбул – Сабиха Гокчен, кој исто така е презакажан за 23 декември.
Сепак, ТАВ Македонија посочува дека сите останати 27 летови во наведениот период се реализирале согласно планираниот ред на летање – и во пристигнување и во заминување.
Од компанијата апелираат патниците редовно да ги следат информациите од своите авиокомпании, имајќи предвид дека временските услови се променливи и дека секоја авиокомпанија има сопствени процедури и праг на толеранција за слетување и полетување при намалена видливост.
ТАВ Македонија информира дека аеродромот е отворен за авиосообраќај, сите капацитети се во функција, а персоналот и аеродромската опрема работат 24 часа дневно и се подготвени да ги услужат и авионите и патниците.
Ажурирани информации за статусот на летовите се објавуваат во реално време на веб-страницата на аеродромот, а патниците за дополнителни информации можат да се обратат на информативниот пулт во терминалот или на телефонскиот број +389 2 3148 333.
