Автобусите во Тетово повторно пуштени во сообраќај – долгот на компанијата, причина за прекин на договорот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Јавниот превоз во Тетово повторно во функција. Компанијата го обнови договорот со општината и со тоа продолжи да ги снабдува со нафта петте автобуси во градот.

„По неколкучасовен прекин, јавниот превоз во Тетово повторно беше ставен во функција. Од понеделник до петок четирите автобуски линии се во служба на граѓаните, а за викенд можат да користат само две“, истакна репортерот на ТВ21.

Од општина Тетово за ТВ21 велат дека разговарале со компанијата и дека таа го стопирала снабдувањето со нафта поради неисплатените долгови.

„Како резултат на смената на раководството на општината, компанијата која ги снабдува превозните средства со гориво, поради неподмирен долг од страна на претходното раководство, го прекина снабдувањето. Во консултација и со раководителот на Претпријатието „Тетово-транспорт“, јавниот превоз повторно почна да функционира редовно“, посочуваат од Општина Тетово.

ТВ21 контактираше и со директорот на Претпријатието „Тетово-транспорт“, Дарко Спировски. Тој рече дека линиите почнале да сообраќаат редовно од вчера попладне и дека веќе автобусите се снабдени со нафта од страна на истата компанија со која општината има склучено договор. Петте автобуси во Тетово беа пуштени во употреба во септември годинава. Тие беа обезбедени од општината со кредит од Светска банка во вредност од 44 милиони денари. Но, како последица на недостиг на нафта, вчера од утринските до попладневните часови, локалните автобуси беа вон функција и не беа достапни за потребите на граѓаните.