Автопатот Скопје-Блаце, приказна без крај: Две километри се уште нефункционални, никакви информации за другите 10 километри

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Автопатот Скопје-Блаце, чија изградба почна во 2020 година, се претвори во приказна без крај. Во моментов се изградени само првите два километри, почнувајќи од границата кај Блаце во правец кон Скопје. Но, тие не можат да се користат бидејќи крајот на двата километри изгледа вака.

Во врска со тоа кои се роковите за пуштање во употреба, испративме прашање до кабинетот на заменик министерката за транспорт, Калтрина Зеколи Шаќири.

Во однос на првите два километри од автопатот Скопје-Блаце, се работи на поставување на заштитната ограда и очекуваме со нивното завршување да биде пуштен во употреба овој дел од автопатот. Во однос на следните 10 километри, проектот се наоѓа во фазата на постапка за тендерот за изградба и надзор.

За следните 10 километри се очекува тендерот да се одвива во две фази, техничка квалификација на понудувачите и втората, компаниите да ги достават своите понуди, соопштија од Министерството за транспорт.
Двата километри требаше да бидат пуштени во употреба на крајот на минатата година. Ова го соопшти поранешниот директор на Јавното претпријатие Државни патишта Ејуп Рустеми.

-Овие два километри ќе бидат пуштени. Еден дел ќе биде во употреба бидејќи едниот дел мора да биде целосно поврзан со другите 10 километри. Значи до крајот на годината ќе биде во функција главниот пат во должина од 2 километри, кој ќе не поврзе се до границата, вели Ејуп Рустеми, директор на ЈП „Државни Патишта“.

Реално во употреба беше пуштен само магистралниот пат, чие пуштање во употреба се случи во јануари годинава. Во реонот непосредно пред границата отворен е уште еден пат за камиони. Но, често се случува да има долги редици до кружниот тек и да го попречат слободното движење на автомобилите.

Овој автопат беше ветување и останува клучен проект за коалицијата ВРЕДИ, составен дел на оваа влада. Претседателот на Алтернатива Зеќирија Ибрахими и во Клик плус рече дека нема ни да учествуваат на избори доколку истото не се реализира.

-Рековме дека нема да учествуваме на следните избори доколку не се заврши сегментот Скопје-Блаце, а целта е тоа да се направи многу брзо и јавно кажувам дека нема да одиме на следните избори доколку не биде завршен патот, Зеќирија Ибрахими од ВРЕДИ.

Изградбата на автопатот Скопје – Блаце наиде на потешкотии бидејќи земјиштето каде што требаше да поминува автопатот беше во приватна сопственост, а нивните сопственици не можеа да се договорат со Владата за откупната цена. Овој автопат се очекува да има 11 тунели кои ќе се протегаат до 10 километри, чија изградба се уште не е започната.