Автошколите поскапеа за 35%- велат пораснале трошоците – обуката за возач од 24.400 скокна на 33.000 денари

НАЈНОВИ ВЕСТИ

За 8.500 денари или за 35% повеќе пари ќе треба да платат младите кои сакаат да добијат возачка дозвола.  Авто – школите ја зголемија цената за обуката за возач, па така за Б категорија од 24.500 денари колку што беше, сега порасна на 33.000 денари. Од авто школите кои ги контактиравме велат морале да се одлучат на ваков чекор бидејќи трошоците пораснале, а цената не била мрдната десет години.

„Цените се покачени од 01.11. А, не се покачени веќе 10 години. Во главно инфлацијата, животот стана поскап, мислам не можеше веќе да се издржи со тие цени. И грубо некаде околу 8.500 денари се покачени цените од 24.500 на 33.000“, вели Александар Стефаноски.

Работата, лиценците и надзорот над авто-школите е под ингеренции на МВР. Но одлуката за зголемување на цените ја донеле сите сопственици на авто школи едногласно на состанок. Пред 15 години имале утврдено најниска цена од државата од 19.300 денари. Но пред десет години ја покачиле на 24.500 за сега таа да изнесува 33.000 денари.

„Бевме регулирани, најниска цена добивме пред 15 години од државата, после тоа сами си ги зголемувавме, затоа што веќе не може да се издржи. Друго беше пред 15 години, друго беше пред 10 години. Нафтата се качи, трошоците се зголемија“, вели Александар Стефаноски.

Од МВР за ТВ 21 велат дека има правилник со кој е регулирана минималната цена кој  е донесен во 2016 година и од тогаш истиот не е променет.

Инаку, во цената влегуваат 20 часови теоретската настава кои сега чинат 4.500 денари, практична настава од 36 мото часови кои сега чинат 28.500 денари. Дополнително идните возачи треба да платат по 1.500 денари за користење на возилото на авто школата за полагање на прв и втор практичен дел. Дополнителен час за возење пак чини 1.000. На овие трошоци се додава и лекарското уверение кое чини 1.200 денари. Полагање полигон и градска се по над 2.000 денари и трошокот се зголемува во зависност колку пати кандидатите нема да положат.