Азизи: Нема да има промени во Владата во овој тримесечен период – најавува проширување на ВЛЕН: Се водат разговори со 3–4 пратеници од НАИ

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Аднан Азизи од ВЛЕН, во емисијата „Дебата21“, изјави дека нема да има промени во Владата за време на овој тримесечен период. Тој додаде дека сè уште нема одлука дали Беким Сали ќе биде вицепремиер. Во однос на тоа дали со реконструкцијата на Владата ќе бидат опфатени и Бесар Дурмиши и Азир Алиу, рече дека нема причина за такво нешто, бидејќи според него, тие се меѓу најуспешните министри.

Во овој тримесечен период нема да има промени. Владата ќе продолжи во истиот формат во кој функционираше до сега. По Новата година ќе има подетално преиспитување во однос на Владата и можеби ќе има и преформатирање, но тоа останува да се види. Тоа што го споменавте за Орхан Муртезани, тоа може да се случи бидејќи постои принципиелен договор за тоа како ќе се поделат ресорите во рамките на Владата. Останува да видиме за која опција ќе се одлучиме. Дали Беким Сали ќе биде на местото на Орхан Муртезани и вицепремиер или ќе има друга комбинација. Ова прашање не е затворено, но многу скоро ќе добие епилог. Други промени нема да има и нема ни причина да има, вели Аднан Азизи од ВЛЕН.

Во врска со проширувањето на владината коалиција, Аднан Азизи информираше дека се водат интензивни разговори со 3–4 пратеници од НАИ, кои, како што рече, ќе станат дел од ВЛЕН. Азизи не спомена имиња, но додаде дека ова ќе се финализира, бидејќи одредени пратеници се разочарани од политичките субјекти во кои се наоѓаат. Азизи нагласи дека по изборите во Гостивар и Врапчиште ќе има проширување на пратеничката група.

-Да, имаме разговори со пратеници кои се разочарани од своите политички субјекти. Пратеници од НАИ? Да, од НАИ. Верувам дека и со нив ќе го финализираме конкретниот чекор за да станат дел од Владата, да ни се приклучат нам. Дека се водат интензивни разговори – тоа е вистина, па дури и јас лично сум контактирал со некои од моите колеги. Тие не го оправдуваат однесувањето на своите партии и целиот наратив и ставови во политичкото делување, вели Аднан Азизи од ВЛЕН.

Во однос на обединувањето на ВЛЕН во една политичка партија, Азизи вели дека ВЛЕН е обединет и моментално функционира многу добро вака како што е, но додаде дека сè останува отворено и се дискутира за најдобрата можна форма. Азизи повеќе ја поддржува идејата за ротација на лидерите, бидејќи според него, создавањето „автократи“ со долго останување на чело на партиите, е штетно.