Претседателот на САД остро го нападна Меѓународниот кривичен суд (МКС) поради неговото барање за налог за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во врска со воени злосторства.
„Барањето на обвинителот на МКС за налози за апсење против израелските лидери е срамота. И дозволете ми да бидам јасен: што и да имплицира овој обвинител, нема еквивалентност, ниту една, меѓу Израел и Хамас. Ние секогаш ќе стоиме покрај Израел против заканите по неговата безбедност“, рече Џо Бајден .
Во понеделникот, обвинителот на Хашкиот суд Карим Кан објави дека издава налози за апсење на Нетанјаху и Јоав Галант, министерот за одбрана на Израел. Кан, исто така, гони тројца врвни лидери на Хамас за нападите врз Израел на 7 октомври минатата година.
Во исто време, во жесток личен напад, Нетанјаху рече дека Карим Кан е еден од „големите антисемитисти на нашето време“. Израелскиот премиер отиде уште подалеку, споредувајќи го обвинителот со судиите во нацистичка Германија кои ги негираа основните права на Евреите и го дозволија Холокаустот.
Активистите за човекови права со години се жалат дека моќните западни држави, на чело со Соединетите Држави, замижуваат пред израелските прекршувања на меѓународното право. Според нив, акцијата што ја презел Кан била предоцна.
МКС е првиот постојан меѓународен суд за воени злосторства во светот, а неговите 124 земји-членки се обврзани веднаш да уапсат барано лице доколку е на нивна територија. САД не се членка на МКС и можат да извршат притисок врз своите сојузници – главно земјите од ЕУ – да не постапуваат по наредбата, сметаат експертите.
МКС издаде налог за апсење на рускиот претседател Владимир Путин во март 2023 година поради наводни воени злосторства во Украина, но тоа е првпат судот да се обиде да интервенира во конфликтот на Блискиот Исток.
