Некои демократски функционери, до сега лојални на американскиот претседател Џо Бајден, вчера сепак го поставија прашањето дали тој треба да остане во изборната трка за нов мандат, додека еден конгресмен директно го повика да се откаже од својата кандидатура.
Претходно многумина застанаа во негова одбрана по неговиот неубедлив настап на дебатата со републиканскиот кандидат Доналд Трамп.
Гласот на Америка известува дека на митингот во Вирџинија во вторникот, Бајден признал дека неговиот настап на дебатата не бил најдобар, но го обвинил недостатокот на сон и рече дека неговата кампања собрала 38 милиони долари од соочувањето.
„Факт е дека не бев многу паметен. Решив да патувам низ светот неколку пати, да поминам низ 100 временски зони пред дебатата. Не ги послушав моите советници и се вратив, и речиси заспав. Тоа не е оправдување, но е објаснување“, рече Бајден.
Одлуката дали ќе продолжи да биде претседателски кандидат или ќе се повлече главно зависи од Бајден, велат демократите и политичките стратези, пренесува Ројтерс.
