Бајден: САД ќе ја бранат секоја педа од територијата на НАТО

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Американскиот претседател Џозеф Бајден изјави во Вашингтон дека Америка и нејзините сојузници нема да бидат заплашени од заканите на рускиот претседател Владимир Путин и му порача на Путин дека САД „ќе ја бранат секоја педа од територијата на НАТО“, пренесува американски CNN.

Путин потпиша декрети за руска анексија на четири украински региони, што западните земји, Европската унија и НАТО остро ги осудија, а Бајден рече дека САД не ја признаваат анексијата на регионите Запорожје, Керсон, Доњецк и Луганск.

„Америка и нејзините сојузници нема, нагласувам – нема да бидат заплашени. Нема да бидат заплашени од Путин, неговите неискажани зборови и закани“, најави Бајден од Белата куќа и посочи дека „Постапките на Путин се знак дека му е тешко“.

Како доказ за тоа, Бајден ги наведе „лажните референдуми“ за припојување на четири украински региони кон Русија, како и „оваа шарада што ја направи утринава“ кога ја објави анексијата.

„САД никогаш нема да го признаат тоа. И да бидам искрен: ниту светот никогаш нема да го признае тоа. Тој не може да ја заземе територијата на својот сосед и да се извлече со неа, едноставно не може“, рече Бајден во своето обраќање.

Според неговите зборови, САД ќе продолжат да и даваат воена помош на Украина за нејзина одбрана, а таа земја ќе добие уште 13 милијарди долари од американскиот Конгрес.

„Америка е целосно подготвена да ја брани секоја педа од територијата на НАТО со своите НАТО сојузници, секоја педа – затоа, господине Путин, сакам да ме разберете многу јасно. Секоја педа“, рече Бајден.