Бактерија во водата во неколку кичевски села, жителите не биле известени, и понатаму ја користат за пиење

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Жителите на неколку кичевски не се известени дека во водата што ја користат има бактерија. Продолжуваат да ја користат за пиење.  
Надлежните ја испитуваат содржината и квалитетот на водата,  но речиси никогаш не ги информираат жителите за резултатите.
Само пред неколку месеци, водата во селото Извор беше загадена со бактеријата ешерихија коли. Истата ситуација е и сега каде во четири села мештаните пијат вода во која е присутна бактерија. Како што велат, никој не ги известил за резултатите. Пред два дена Центарот за јавно здравје -Битола, извести дека водата за пиење од системите за снабдување на селата Длапкин Дол, Горна и Долна Грешница, како и Лешница е бактериолошки неисправна.

-Се известуваат жителите на селата Длапкин Дол, Горна и Долна Грешница и Лешница, дека водата од селските водоводи во четирите населби бактериолошки е неисправна за пиење и истата може да се користи единствено по превривање на повисока температура. Сѐ до добивање на нов наод кој ќе потврди дека водата повеќе не е бактериолошки неисправна, истата не ќе може да се користи за пиење и готвење во домаќинството-соопштија од Центарот за јавно здравје – Битола.

ТВ21 ги посети овие села, но како што се чини веста дека во водата има бактерија, мештаните ја слушнаа од нас. Зачудени велат дека не знаеле ниту дека е направено микробиолошко испитување на водата во нивните села.

-Ние како жители на селото не сме известени. Не, не од никого. Нека нѐ известат институциите за да знаеме што се прави тука-вели жител на село Грешница.

И мештаните од селото Лешница, исто така без никаква информација околу ова прашање:

-Не сме запознаени за ништо. Ниту дека земале вода за да направат анализа. Ништо не знаеме што се случува во селото. Од вас, медиумите, дознавме дека водата не е исправна за пиење, дека има бактерија и дека не смееме да ја пиеме. За следен пат бараме да одиме заедно со раководството на селото кога ќе земаат вода, за да знаеме дека навистина водата е земена од тука, а не вака, селото ништо да не знае-вели жител на село Лешница.

Ова е еден од ретките случаи годинава да има неисправна вода од системите на руралните села во кичевско, споредбено со претходните неколку години. Минатата година во многу села водата беше бактериолошки неисправна, а често содржеше и други штетни супстанци, објаснуваат од Институтот.