Универзитетскиот професор Абил Бауш во емисијата „Бизнис21“ на ТВ21 изрази сомнеж дека инфлацијата годинава ќе се движи во рамките од 2 до 3 проценти, оценувајќи дека таквите проекции не се реални ако се земат предвид актуелните економски и политички околности.
Според Бауш, начинот на кој е конструиран државниот буџет, како и можноста од политички турбуленции, вклучително и евентуални предвремени избори, создаваат услови за посилен инфлаторен притисок.
Тој нагласи дека неговиот став не се темели на конкретна научна прогноза, туку на економска перцепција и анализа на тековните трендови.
„Не мислам дека годинава ќе имаме инфлација од 2 до 3 проценти. Според мене, постојат реални индиции дека таа може да биде повисока“, истакна Бауш.
