Базичната инфлација „зауздена“, се очекува идно намалување

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Базичната инфлација во која не влегуваат цените на храната и на енергенсите, кои имаат голема променливост, и која покажува дали висината на цените е поради домашни причини или е увезена, има намалување. За премиерот Христијан Мицкоски ова е добар показател кој ќе продолжи и наредниов период, а ќе влијае и на годишната инфлација во 2026 година.

„Радува фактот што на месечна основа таа е негативна, и очекувам сега во ноември и во декември да биде уште пониска, а следната година да се движиме со вкупната инфлација меѓу два и три проценти, отприлика на тоа ниво да биде и базната инфлација“, рече Мицкоски.

Мицкоски очекува и дека Комисијата за заштитата на конкуренцијата (КЗК), попозната како Антимонополска наскоро ќе го заврши случајот со утврдување на одговорност на четирите маркети кои сакаа картелски да се здружат и ќе донесе одлука. Четирите маркети сакаа антипазарно, за поголема заработка, преку тајно договарање да влијаат на штета на граѓаните кои требаа да плаќаат поскапи производи од реалното.

„Да ја оставиме Антимонополската комисија да си ја заврши својата работа. Мислам дека тие го разгледуваат случајот и мислам дека наскоро ќе имаме разврска“, вели Мицкоски.

Ако се донесе одлука четирите маркети да се казнат, казната би била максимум до 1% од годишните приходи или во овој случај неколку милиони евра. За учество во организирање на ова картелско здружување веќе е казнет Сојузот на стопански комори, кој ја плати казната од околу 2.000 евра, но и каде поради ова го разреши старото раководство и избра ново.