Со порастот на температурите, беше пуштена фонтаната кај споменикот на Александар Македонски и на плоштадот Филип Втори, но не и фонтаната среде скопскиот плоштад.
Иако е пуштена фонтаната кај Александар Македонски, фонтаната среде плоштадот веќе извесно време не функционира иако за нејзината изградба се потрошени неколку милиони денари.
Оваа фонтана, која е многу привлечна за граѓаните, особено за најмалите, често не е во функција. Во тој дел каде што извира водата сега минуваат граѓаните, но со зголемено внимание, бидејќи плочките не се санирани како што треба.
Град Скопје ја обвини претходната власт.
„Фонтаната во мозаик, лоцирана на плоштадот Македонија во изминатиот период не беше пуштена во употреба поради одредени оштетувања на некои механизми во подземните нивоа на фонтаната како резултат на невнимание во последните години. На санирање на дефектот работат екипи на ЈП „Водовод и канализација“, велат од Град Скопје.
Површинската фонтана е изградена пред седум години кога Коце Трајановски беше градоначалник на Скопје, како дел од проектот вреден 2,5 милиони евра.
Освен тоа и фонтаните лоцирани во реката Вардар се уште не се функционални.
Инаку, годишно се одлеваат 35 милиони денари за одржување на фонтаните на плоштадот „Македонија“, плоштадот „Филип Втори“ и фонтаните во паркот „Жена воин“ лоциран во центарот на Скопје.