Платите на јавната администрација засега нема да се кратат. Министрите за финансии и економија, Нина Ангеловска и Крешник Бектеши со различни ставови. За првиот човек на државната каса простор за кратење има, бидејќи сега административците помалку работат.
Но, нејзиниот колега од владата, Бектеши вели дека кратењето на платите во администрацијата не било поставено како тема. Ги отфрли како неточни информациите дека меѓу него и министерката за финансии има несогласувања.
„Јас и министерката за финансии може да имаме различни ставови и на други теми, но ние сме дел од една Влада и последните одлуки ги носиме колективно како Влада и ги почитуваме. Не дека сме имале спротиставени ставови со министерката на оваа тема“, рече Бектеши.
Пред само неколку дена Ангеловска во интерју за Телевизија24, изјави дека платата на администрацијата треба да биде намалена, бидејќи нема каде да ги потроши парите.
„Во услови кога е намалена потрошувачката поради не трошење на услуги, не користите возило. Во услови кога не плаќате кредити бидејќи истите ви се одложени. Вие нема каде да ги потрошите парите“, рече Ангеловска.
Јавната администрацица веќе еднаш куртули, кога крајот на март владата донесе одлука административците да земат цела плата. Воедно, Уставен суд ја поништи владината уредба за намалување на платите на функционерите, судиите и обвинителите за април и мај на 14.500 денари месечно.
