Бектеши ја одзема концесијата во Коњаре

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Концесионерот Друштво за производство, трговија, туризам и рибарство ЕУРО ПРОГРЕС ДООЕЛ експорт-импорт с. Долно Коњаре, Петровец со Владата на Република Македонија има склучено Договор за концесија за експлоатација на минерална суровина – песок и чакал на локалитетот “с.Долно Коњаре“, општина Петровец бр. 24-5731/1 од 13.11.2014 година.

Од страна на Државниот инспекторат за животна средина спроведена е инспекциска постапка над концесионерот Друштвото за производство, трговија, туризам и рибарство ЕУРО ПРОГРЕС ДООЕЛ експорт-импорт с. Долно Коњаре Петровец, а согласно своите надлежности.

По извршениот инспекциски надзор, Државниот инспекторат за животна средина достави Информација за спроведена инспекциска постапка и утврдена фактичка состојба со која бара еднострано да се раскине Договорот за концесија за експлоатација на минерална суровина – песок и чакал на локалитетот од страна на концедентот, бидејќи концесионерот не се придржувал кон решенијата и мерките во однос на заштитата на животната средина утврдени со прописите од областа на животната средина, односно експлоатацијата на минералната суровина е вршена надвор од крајбрежниот појас во широчина од 50 метри зад линијата на допирање на педесетгодишната вода кај нерегулираниот водотек на реката Пчиња.

Со оглед на вака утврдената фактичка состојба, Министерството за економија констатира дека се исполнети условите за започнување на постапка за едностран раскин на Договорот за концесија за експлоатација на минерални суровини  од страна на концедентот согласно член 51 став (1) алинеја 14 од Законот за минерални суровини,  каде што е определено дека Договорот за концесија за експлоатација еднострано ќе се раскине доколку концесионерот не се придржувал кон решенијата и мерките во однос на заштитата на животната средина утврдени со прописите од областа на животната средина, односно во конкретниот случај експлоатацијата на минералната суровина е вршена надвор од крајбрежниот појас во широчина од 50 метри зад линијата на допирање на педесетгодишната вода кај нерегулираниот водотек на реката Пчиња.

Имајќи го во предвид горенаведеното, Министерството за економија во моментов изготвува и ќе и достави на Владата на Република Северна Македонија Предлог одлука за едностран раскин на Договорот за концесија за експлоатација на минерална суровина – песок и чакал на локалитетот “с.Долно Коњаре“, општина Петровец