Министерот за економија Крешник Бектеши во гостување на ТВ Телма денеска истакна дека компаниите кои веќе ја злоупотребиле финансиската помош од Владата, нема да имаат можност за да аплицираат за нова мерка.
„Тие компании кои злоупотребувале средства од првите четири сета на економски мерки, нема да добијат веќе помош од страна на државата“, порача Бектеши.
Тој вели дека треба да се постават критериуми во делот на аплицирање на мерките со што, компаниите кои се објавени од страна на Управата за јавни приходи нема да можат да аплицираат за дополнителни мерки.
„Доколку треба нивните вработени ќе ги згрижи Владата директно, како што најави и Лукаревска денеска со блокирање на нивните сметки и со префрлување на средствата директно на вработените во тие компании“, додава Бектеши.
Инаку, директорката на УЈП, Сања Лукаревска денеска на прес конференција посочи дека за месец декември 306 компании не исплатиле плати за вработените, иако ја земале државната помош.
