Бела и Алими 10 години „нон грата“ во Албанија – Ламалари: Не дозволуваме агенди кои ја загрозуваат безбедноста

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Министерот за внатрешни работи на Албанија, Бесфорт Ламалари, информираше дека одлуката двајца државјани на Македонија, Ваљон Бела и Бекир Алими, да бидат прогласени за непожелни лица во период од 10 години, е донесена на 17 јули, со цел заштита на националниот интерес.

Во интервју за емисијата „Tirana Live“ Ламалари изјави дека Албанија нема да дозволи каква било агенда или поттикнување насилство што ја загрозува безбедноста на земјата, додавајќи дека Државната полиција останува ангажирана за гарантирање на јавниот ред и безбедност.

Според него, одлуката е донесена по добиени информации и консултации со безбедносните агенции.

„Колку повеќе се приближуваме кон европското семејство, треба да се однесуваме како земја членка, преземајќи ги сите неопходни мерки не само за гарантирање на националната безбедност, туку и за да не дозволиме какво било мешање на агенди кои се штетни не само за Албанија, туку и за регионот и пошироко.“, порача Бесфорт Ламалари.

Во меѓувреме, аналитичарот Ваљон Бела реагираше преку видео објавено на Фејсбук, каде што изјави дека има добиено 22 признанија од армијата на НАТО и тврдеше дека нема друг Албанец кој ги поседува. Тој исто така го критикуваше начинот на кој била донесена одлуката да биде прогласен за непожелно лице.

„Кога ја донеле одлуката, таму била присутна и антитерористичката единица. Замислете, антитерористичка единица на кого и каква порака добива таа единица, од Вучиќ? Елитната единица која се бори против меѓународниот тероризам е американската специјална единица, за која јас имам 22 признанија. Освен тоа, имам и препораки од елитната единица за борба против тероризмот.“, вели Ваљон Бела.

И Бекир Алими, кој е опфатен со истата одлука, прогласувањето за непожелно лице го оцени како неправда.

„Тешко е за секого кога му се прави неправда, особено на оние лица кои целиот свој живот го посветиле на подигнување на верската свест кај нашиот народ и на патриотски придонес за нашиот национален развој. Но, таков е животот, ние ќе продолжиме да бараме правда и да се бориме против неправдите каде и да се случуваат.“, вели Бекир Алими.

Случајот предизвика дебата, бидејќи од една страна албанските власти ја образложуваат одлуката со заштита на националната безбедност, додека од друга страна Ваљон Бела и Бекир Алими инсистираат дека мерката против нив е неправедна и најавуваат дека ќе ја оспорат.