Репрезентациите на Белгија и Иран вечерва од 21 часот ќе се соочат во натпревар од второто коло во Групата Г на Светското првенство 2026, што се игра во Инглвуд, САД.
По првото коло ситуацијата во групата е целосно израмнета, откако сите четири селекции освоија по еден бод. Белгија ремизираше со Египет (1-1), додека Иран одигра возбудлив натпревар против Нов Зеланд кој заврши без победник (2-2).
Во пресрет на дуелот, атмосферата во иранскиот табор е напната. Фудбалската федерација на Иран поднесе жалба до ФИФА поради строгите ограничувања за патување во САД за време на турнирот. Селекторот Амир Галеноеи јавно изрази незадоволство од, како што вели, неправедниот третман кон неговата репрезентација и истакна дека не добил поддршка од останатите селектори на шампионатот.
Според најавите, Белгија ќе настапи со Тибо Куртоа на голот, предводена од капитенот Кевин де Брујне и голгетерот Ромелу Лукаку. Во нападот на Иран главна закана ќе биде искусниот Мехди Тареми.
Очекувани состави:
Белгија: Куртоа, Мение, Нгој, Мехеле, Де Кујпер, Онана, Тилеманс, Де Кетеларе, Де Брујне, Тросар, Лукаку.
Иран: Беиранванд, Резаијан, Халилзаде, Немати, Мохамади, Гаеди, Мохеби, Езатолахи, Јусефи, Моганлу, Тареми.
Главен судија на натпреварот ќе биде Аргентинецот Дарио Ерера.
Победникот од овој дуел ќе направи значаен чекор кон пласман во нокаут-фазата на Светското првенство.
