Бензинската на Пуцко Петрол под лупа на ДКСК: Обвинителството да отвори предмет за овој случај, но и распуштање на Советот на Општина Карпош

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Антикорупциска комисија за случајот со промената на Деталниот урбанистички план на Општина Карпош за бензинската станица на Пуцко Петрол поднесе иницијатива до Обвинителството за организиран криминал и корупција да отвори предмет за овој случај бидејќи смета дека има незаконитост во менувањето на ДУП-от. Овој ДУП според антикорупционерите не бил во согласност со Генералниот урбанистички план и еднаш веќе бил укинат од Уставниот суд бидејќи плацот бил предвиден за други објекти и поради тоа бара и Министерството за локална самоуправа да го распушти Советот на општина Карпош.

„ДКСК утврди состојби кои укажуваат на сомнежи за несовесно работење, искористување на службената положба и овластување и поткуп за што ќе се достави иницијатива до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција против сите чинители кои учествувале во постапката за носење на Деталниот урбанистички план. До Министерството за локална самоуправа на РСМ да се достави претставка за понатамошното постапување и распуштање на Советот на општина Карпош“, вели Шемси Салаи.

Антикорупциска отвори предмет за вд директорот на Охридска болница поради сомневања за злоупотреби при потпишување решенија, одлуки и склучување договори при што како адвокат го ангажирал сопствениот брат. Сето ова се правело иако самиот тој немал решение за раководно лице од страна на Министерството за здравство, но и Управниот одбор на болницата не постапувала законски при изборот на директор на болницата, сето ова поминувало и од претходниот министер Беким Сали но и од актуелниот Фатмир Меџити. Од Антикорупциска бараат разрешување на вд директорот но и членовите на Управниот одбор.

„Согласно член 102 од Закон за здравствена заштита треба да има разрешување Значи никој веќе не може преку ова. Доста е веќе. Не може да има толеранција, никој да не се казни, министерот продолжува, може да се амнестира дека должноста е на Управниот одбор. Некој се стекнува со имотна корист, со привилегија, со моќ поради ваквите прекршувања на законот од колективните тела. Нека ги нема, нека се најде друг начин или нека работат како што треба“, вели Нури Бајрами.

Воено се бара и разрешување и за заменик директорот на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации Блерим Исеини бидејќи иако не ги исполнувал условите за оваа функција сепак бил избран од пратениците откако неговиот избор поминал низ Комисијата за прашања на избори и именувања. Антикорупционерите сметаат дека најодговорни во овој случај се пратениците а не од самиот Исеини кој конкурирал за оваа позиција.