Бесими: Буџетот е за економијата и здравјето – опозицијата поднесе 528 амандмани

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Предлог буџетот за 2021 година ја почна собраниската процедура со претрес пред матичната Комисија за финансирање и буџет. Министерот за финансии Фатмир Бесими образложувајќи го предлог буџетот рече дека тој има три основни цели – зајакнување на финансирањето на системот на здравствената заштита и зачувување на здравјето и животите на граѓаните, потоа во поддршка на економската стабилизација и поставување на темелите на солидно заздравување на економијата и нејзин забрзан раст, како и непречено финансирање на основните функции во државата и поддршка на реформите во правосудството и евроатлантските интеграции. Од СДСМ велат дека со предложениот буџет во фокусот се ставени економијата и здравството. Опозицијата која достави 528 амандмани смета дека буџетот е расипнички, не е за граѓаните, туку за партиски потреби и цели.

„Предлог буџетот на 2021 година пред себе има три клучни цели Да обезбеди поддршка и унапредување на здравствениот сектор, пред се заштита на здравјето на сите граѓани. Да го поддржи економското заздравување, односно да се помогнат сите оние микро, мали, средни и големи компании, кои имаат потреба од помош во справување со последиците од пандемијата. И трето, да се одржат и унапредат основните функции на државата и да овозможиме ефикасно спроведување на потребните реформи.“, рече Јован Митревски од СДСМ.

„Оваа Власт на чело со Заев креира уште еден огромен, нереален и неразвоен буџет. Овој буџет е строго партиски а не народен и граѓански. Овој буџет покажува дека СДСМ не планира да ја помага економијата, не планира да помогне во реалниот сектор и на граѓаните не планира и не знае да се справи со катастрофалните последици од Ковид кризата која ја зафати Република Македонија. Но затоа гледаме дека многу добро знае како да не задолжи уште повеќе врз грбот на граѓаните.“, вели Никола Мицевски од СДСМ.