Бесплатен јавен превоз во Тетово, ама не за сите! – Кој нема долгови кон општината, ќе се вози без пари

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Со почеток од март, јавниот превоз во Тетово ќе биде бесплатен, но не за сите граѓани. За да се оствари ова право, задолжително е да немате неизмирени долгови кон општината.

„За граѓаните кои ги имаат подмирено сите обврски кон Општина Тетово, јавниот превоз ќе биде бесплатен. Доволно е да аплицираат дигитално за себе и за членовите на семејството што живеат на истата адреса. По аплицирањето, картичката се подигнува лично во „Тетово Транспорт“, и со тоа, јавниот превоз ќе им биде бесплатен“, вели Биљал Касами.

„Ова е чекор што го трансформира јавниот превоз во дигитален и модеризиран систем, овозможувајќи им на граѓаните повеќе опции и алтернативи за користење на превозот. Се воведуваат три типа на картички: бесплатна картичка за граѓани без долгови, картичка за ученици, картичка што може да се наполнува за патување“, вели Арлинд Пјазити.

Картичките ќе се добиваат преку официјалната апликација на Општина Тетово.

Бесплатниот јавен превоз не важи за линијата до Попова Шапка, бидејќи е надвор од градското подрачје, но граѓаните со картички ќе имаат попуст за таа линија.

Градоначалникот Касами исто така најави 5 нови електрични автобуси, проширување на јавниот превоз и кон руралните општини и планинските села околу Тетово.