Општина Тетово воведе нова бесплатна превозна линија за жителите на селата Бродец, Вешала и Бозовце. Сите жители од овие села ќе можат бесплатно да патуваат со превозната линија, која ќе тргнува од селата во 07:00 часот наутро, додека враќањето од градот ќе се случи во 17:30 часот. Пуштањето на оваа линија го направи градоначалникот на општината, Билал Касами, кој ги посети овие населени места во првите часови од денот.
„Тука од село Бозовце ја промовираме бесплатната превозна линија организирана од Општина Тетово за селата Бродец, Вешала и Бозовце. Оваа линија ќе работи шест дена во неделата. Ќе тргнува во 7 часот наутро од село Бозовце и ќе ги носи жителите на овие села до Тетово. Исто така, попладне, од 17:30 часот, ќе има линија од Тетово што ќе се враќа во Бозовце. Ова е проект што го ветивме и веќе почнуваме со неговата имплементација. Ќе важи за сите жители на ова подрачје, кои ќе можат да го користат превозот бесплатно“, изјави Билал Касами.
