Безбедни ли се мостовите на Пресека? – ЈП за државни патишта: Потребна е мала реконструкција, но не претставуваат ризик

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Колку се безбедни двата моста на местото познато како „Пресека“ на магистралниот пат Кичево-Охрид?
Вака изгледаат мостовите во моментов. Едниот веќе почнал да напукнува….  

Камерата на ТВ21 ги забележа овие снимки на мостот кој е распукан, има влага и тече  вода…

„Овие се двата моста за кои неодамна се зборуваше на социјалните мрежи кои се наоѓаат на Пресека односно на главниот пат кој го поврзува Кичево со Охрид и Струга, но и западниот дел на земјата со источниот дел. Ова е главниот пат по кој секојдневно минуваат стотици автомобили и камиони. Во последно време многу се водеа полемики околу тоа дали овој мост е безбеден или не, прашање за кое разговараме со надлежните институции“, вели репортерот на ТВ21.

Од Јавното претпријатие за државни патишта, велат дека излегле на терен за да утврдат во каква состојба се мостовите . Уверуваат дека се стабилни и дека не претставуваат ризик.

„Ве известуваме дека беше извршен теренски увид на мостот од стручни лица при што се утврди дека има оштетување на еден крилен ѕид кој треба да се санира, а останатите конструктивни елементи, како што се плоча, носачи и сл. се во добра состојба, односно нема нарушување на стабилноста на мостот. ЈПДП ќе преземе мерки во насока на отстранување на оштетувањата, ќе се изготви проектна документација за санација на мостот и ќе се предвидат средства во планот за Јавни набавки за 2022 година“, велат од јавното претпријатие за државни патишта.

Друг проблем на овој патен правец се и свлечиштата, особено во есенскиот и зимскиот период. Честопати на овој магистрален пат можете да наидете на парчиња камења. Повисоките делови се заштитени со мрежа, но како што се чини, и тоа не помага, бидејќи истата е дотраена и уништена. Ниту банкините околу патот не се во завидна состојба. Патот е запуштен бидејќи се очекува изградбата на новиот автопат Кичево-Охрид, кој сѐ уште не се знае кога ќе биде готов.